Вовед

Републиката, не е република само по својата правна форма, туку пред се` по начинот на кој јавната власт се врзува за општото добро. Таа не може да се сведе на збир од институции, ниту пак на формално отсуство на монархиска власт. Републиката претставува подлабока морално-политичка амбиција, настојување за уредување на заедничкиот живот така што власта ќе биде јавна, ограничена и одговорна, а не приватна, произволна или заснована врз привилегија. Во ср`жта на оваа амбиција лежи идејата дека политичката моќ не смее да биде средство за доминација, туку инструмент за заштита на заедничкиот интерес. Во таа смисла, класичниот латински поим res publica што значи, “јавна”, “заедничка работа” го изразува суштинскиот идеал на републиканската мисла. Јавниот простор да не смее да биде ничија сопственост, ниту пак продолжение на приватни уверувања или интереси, туку заедничка ствар на сите граѓани. Републиката е јавна токму затоа што и припаѓа на целината, а не на поединецот или некоја посебна група.

Во римската политичка традиција, res publica не означува апстрактна држава одделена од луѓето, туку конкретна политичка заедница во која граѓаните се носители на суверенитетот и одговорни за оштото добро. Поимот civitas ја изразува токму таа нераскинлива врска меѓу граѓаните и јавниот поредок: државата постои преку граѓаните, а граѓаните ја реализираат својата слобода преку учество во заедничките работи. Суверенитетот (imperium) не се извлекува од божествен или трансцедентен извор, туку од народот како политичка целина, а неговата легитимност е условена од служењето на општото добро, а не на приватни интереси или фракциски страсти.

Во современите плурални општества, оваа републиканска интуиција се соочува со нови и посложени  предизвици. Разновидноста на религиски, светогледни и културни уверувања го прави прашањето за јавниот простор уште почуствително: кој има право да го облележи, со кои симболи, со кои вредности и со кои норми? Токму во овој контекст се појавува лаицизмот, сфатен како државна неутралност кон верата и неверието, не како идеолошка агресија, туку како уставен услов за зачувување на јавниот простор како навистина заеднички.

Основната теза на оваа даска е дека републиката, разбрана како res publica, по својата внатрешна логика бара лаицизам. Неутралноста не е студена рамнодушност, туку форма на политичка праведност. Таа не ја исклучува верата од општеството, туку ја спречува нејзината трансформација во државна моќ. Во продолжение, со оваа даска ќе покажeме, прво, дека републиканската слобода подразбира живот без произволна доминација, второ, дека секуларизмот во поширок опфат и  лаицизмот како француска поспецифична форма, претставува практична дисциплина на таа слобода во секојдвневиот јавен живот и дискурс, и трето, дека токму во плурални и кризни контексти лаицизмот се покажува како услов за трајноста на општото добро.

Res publica и републиканската слобода

Републиканската традиција ја разбира слободата не само како отсуство на директна физичка или правна принуда, туку како состојба во која никој не живее под постојана закана од произволна власт. Човек може формално да биде “слободен”, а сепак да живее во сенка, сенка на можноста дека некој, денес или утре, може да ја наметне својата волја без обврска за јавно оправдуање. Токму таа сенка, а не само отворена присила, е суштинската спротивност на републиканската слобода.  

Римската res publica била замислена како политички поредок што има задача да ја ограничи оваа можност за доминација. Власта произлегува од народот и мора да се врши во интерес на општото добро (utilitas publica). Кога јавната власт почнува да се индентификува со приватни интереси без разлика дали се економски, идеолошки или религиски, републиката ја губи својата суштина, дури и ако формално продолжува да постои. Во такви случаи, јавната моќ престанува да биде средство за заедничко управување и станува инструмент за исклучување.

Во оваа перспектива, лаицизмот преставува современа форма на истата републиканска логика. Ако јавниот простор е заедничка работа, тогаш тој не смее да биде однапред оболежан со една религиска или светогледна претпоставка што не сите граѓани ја делат. Државната неутралност не бара од поединецот да се откаже од своите убедувања, таа бара државата да не ги претвора тие убедувања во критериуми за јавна припадност, политичка  легитимност или институционална преивилегија.

Мнозинството, иако легитимен политички фактор, не е апсолутен морален арбитер. Историјата покажува дека мнозинствата можат да бидат неправедни, особено кога ја корситат својата бројност за симболичко или институционално стеснување на јавниот простор. Републиканската доблест бара воздржаност, способност сопствената култура или религиска доминација да не се претвори во државна норма. Лаицизмот, во оваа смисла, е институцинализирана форма на таа воздржаност и гаранција дека јавната власт ќе остане заедничка.

Лаицизмот како практика на општото добро

Лаицизмот не е апстрактна декларација, туку жива и секојдневна практика. Републиката не се одржува само преку устави и закони, туку преку начинот на кој граѓанинот ја среќава државата во своето секојдневие, во училиште, судница, болница, општинска канцеларија и на јавниот плоштад. Токму во овие простори се проверува дали јавната власт навистина им припаѓа на сите.

Училиштето е првата институција каде детето учи што значи да се биде дел од политичката заедница. Ако државното образование носи службени религиски симболи, пораката е тивка, но силна. Јавниот авторитет во овој контекст добива одредено лице. Децата што не го делат тоа лице можат да развијат чувство дека дека припаѓаат “помалку”. Лаицизмот, во овој контескт, не ја исклучува верата од општествениот живот, туку го штити училиштето како простор за еднакво граѓанство и заедничка припадност.

Истото важи и за судницата. Судската правда не е само индивидуален исход на спор, туку јавна порака за тоа што значи правичност. Суд што симболички се идентификува со една вера ризикува да ја загуби довербата на оние што не ја делат. Неутралноста тука не го негира личниот идентитет на судијата, туку ја штити правдата од сомнеж за припадност и обезбедува еднаква дистанца кон сите граѓани.

Во болницата, каде човекот е најранлив, лаицизмот се покажува како форма на човечност и милосрдие. Државната здравствена грижа мора да се доживее како универзална, а не како условена од припрадност. Само тогаш заедницата ја задржува својата морална и хумана димензија.

Администрацијата и локалната власт ја покажуваат социјалната страна на лаицизмот. Кога јавните ресурси се распределуваат според јасни и еднакви правила, се спречува клиентелизмот и симболичката дискриминација. За најслабите граѓани, ова значи пристап без посредници, без понижување и без зависнот од неформални мрежи на моќ.

На јавниот плоштад, како симболичко срце на републиката, лаицизмот ја штити можноста за заедничко живеење во различност. Државата може да овозможи израз, но не смее да наметне форма на израз како задолжителна. Заедничкото постои само таму каде што никој не е принуден да се откаже од својата совест за да припаѓа некаде.

Плурализам, кризи и трајноста на републиката.

Современите републики се плурални по дефиниција. Различноста на уверувања не е аномалија, туку нормална состојба. Предизвикот не е да се елиминираат разликите, туку да се спречи нивното претворање во фракции што го разоруваат општото добро и ја поткопуваат заедничката политичка рамка.

Класичната републиканска идеја за concordia ordinum, хармонија меѓу различните редови нуди значајна и важна поука, стабилноста не произлегува од униформност, туку од праведно посредување на разликите преку институции. Во современ контекст, лаицизмот ја исполнува истата функција, создавајќи рамка во која различните религиски и светогледни заедници можат да коегзистираат без страв од државна фаворизација или исклучување.

Во кризни ситуации, искушението да се жртвува неутралноста во име на “единство” е секогаш присутно. Но, историјата покажува дека ваквите жртви ретко се привремени. Кога државата еднаш ќе се идентификува со одредена духовна или идеолошка форма, враќањето на неутралноста станува тешко. Лаицизмот, токму затоа, претставува форма на институционална зрелост. Тој не ја забранува верата, туку ја одвојува од владеењето и ја штити републиката од симболичка доминација.

Кикероновото преуредување дека републиката може да опстои како име, но да исчезне како стварност, е особено релевантно во современи услови. Републиката се распаѓа кога општото добро се заменува со симболичка доминација. Лаицизмот е еден од клучните современи механизми што го спречуваат овој процес и овозможуваат долгорочна стабилност на републиканскиот поредок.

Заклучок

Републиката, разбрана како res publica, не е само уставна конструкција или историска форма на владеење, туку трајна политичка и морална задача. Таа постои само дотолку колку што јавната власт навистина и припаѓа на заедницата и служи на општото добро. Кога власта се одвојува од оваа цел и се претвора во средство за доминација , симболичката надмоќ или приватен интерес, републиката ја губи својата суштина, дури и ако формално ги задржи своите институции и називи.

Кога јавните институции им припаѓаат на сите граѓани подеднакво, републиката престанува да биде апстрактен идеал и станува жива стварност. Во тој поредок, различноста не е закана, туку ресурс, а општото добро не е лозинка, туку навика на заеднички живот. Токму во ова се состои длабоката смисла на res publica и современата улога на лаицизмот.

Во таа смисла, лаицизмот не претставува надворешен или дополнителен елемент на републиканскиот поредок, туку негова внатрешна логичка последица. Ако јавниот простот е заедничка работа, тогаш тој мора да остане отворен и еднаков за сите граѓани, без оглед на нивните религиски, светогледи или културни уверувања. Државната неутралност не е израз на непријателство кон верата, туку гаранција дека ниту една вера, ниту пак неверието, нема да се претвори во инструмент на јавната власт. Лаицизмот, во оваа преспектива, ја штити и слободата на совеста и интегритетот на државата.

Проширувањето на овој аргумент покажува дека лаицизмт не го “празни” јавниот простор, како што понекогаш се тврди, туку го ослободува од симболичка доминација. Јавниот простор не е неутрален во смисла на безвредносен, туку во смисла на праведен, тој не фаворизира ниту исклучува, туку овозможува коегзисетенција на различностите во рамки на заеднички политички поредок. Токму оваа праведна неутралност му овозможува на плуралистичкото општеството да опстои без постојани конфликти околу идентитетот и припадноста.

Во современите општества, обележани со длабок плурализам и чести кризи, значењето на лаицизмот станува уште поизразено. Кризите, безбедносни, културни или политички, често создаваат искушение јавната власт да се потпре врз симболичкото “единство” засновано на една доминантна традиција или вера. Но, ваквите решенија, иако на краток рок, го поткопуваат самото ткиво на републиката. Лаицизмот, како дисциплина на воздржаност и институционална зрелост, претставува брана против ваквите тенденции. Републиканската слобода, разбрана како живот без произвлна доминација, не може да се одржи без јасно разграничување меѓу јавната власт и приватните уверувања. Лаицизмот го воспоставува токму тоа разграничување, не за да ја ограничи личната слобода, туку за да ја заштити колективната или институционална злоупотреба. Во тој полгед, тој е истовремено правен принцип, политичка практика и морална ориентација.

На крајот, може да се заклучи дека републиката како res publica и лаицизмот како нејзин уставен наслов не се спротивставени, туку меѓусебно зависни. Без лаицизам, републиката ризикува да се претвори во форма без содржина, без републикански дух, лаицизмот би се свел на празна административна формула. Само нивната заемна поврзаност овозможува јавниот простор да остане навистина заеднички, а општото добро да не биде апстрактен идеал, туку жива и практикувана вредност.

Токму во оваа взаемна врска се открива трајната актуелност на републиканската идеја: Заедницата не се одржува преку наметнато единство, туку преку праведно уредена различност. Лаицизмот, како израз на таа праведност, останува еден од клучните темели врз кои може да се изгради стабилна, слободна и навистина републиканска политичка заедница.

Јас кажав!