
Печатот на Ложата „Вистина – La Verite“ не е само графички знак, туку вистинска мала книга во симболи. Кружната форма зборува за целината – за тоа дека човекот, заедницата и човештвото се делови од еден ист круг на животот, каде секој има свое место и одговорност. На надворешниот прстен е испишано името на Ложата и на градот – „LOGE ВИСТИНА – LA VERITE СКОПЈЕ МАКЕДОНИЈА“ – што значи дека оваа потрага по вистината не е апстрактна, туку е вкоренета овде, во нашето општество, во нашата култура и време. Ознаката „G.O.D.F.“ покажува дека Ложата припаѓа на Големиот Ориент на Франција, а со тоа и на традицијата на Просветителството, на републиканските вредности и на лаичката, секуларна држава.
Во центарот доминира триаголникот – древен симбол на рамнотежа и хармонија меѓу трите основни димензии на човекот: телото, умот и духот. Во неговото средиште е сèвидното око – не како око што надгледува, туку како око што буди совест, будност и самоспознавање. Тоа потсетува дека најважното набљудување е она кон самиот себе: постојаното преиспитување на своите мисли, дела и мотиви. Зраците кои се спуштаат од врвот на триаголникот симболично ја претставуваат светлината на знаењето што се спушта врз оној што е подготвен да учи, да слуша и да се менува.
Околу триаголникот стојат трите зборови: „Слобода“, „Еднаквост“ и „Братство“. Тие не се само превод на француското „Liberté, Égalité, Fraternité“, туку три обврски. Слобода – но не слобода на штета на другиот, туку слобода придружена со совест и одговорност. Еднаквост – не на сила, туку еднакво достоинство на секој човек, без разлика на вера, мислење, потекло или положба. Братство – способност да го препознаеш другиот како човек кој ти е ближен, партнер во изградбата на подобро општество, а не како конкурент или непријател.
Под триаголникот се наоѓа симболот на две раце во ракување. Тоа е едноставен, но многу силен знак: договор меѓу слободни луѓе, ветување за чесност и доверба. Ракувањето потсетува дека масонството не се живее во теорија, туку во човечки односи – во начин на кој зборуваме еден со друг, во способност да сослушаме, да помогнеме, да посредуваме, да градиме мостови таму каде што другите градат ѕидови.
Гранчињата од акација поставени од двете страни на триаголникот потсетуваат на мирот и доблеста. Тие асоцираат на лаворов или маслинов венец – симбол на труд што донел плод, но и на обврска да делуваме миротворно во свет полн конфликти и поделби. Бројката 6003 во триаголникот, запишана во масонска година, потсетува дека Ложата живее во континуитет со традицијата – дека денешниот човек не почнува од нула, туку гради врз делото на многу генерации кои пред него ја барале истата таа вистина. 6003 е годината на создавањето на Ложата.
Кога сето ова ќе се погледне заедно, печатот станува како еден нем манифест. Тој кажува дека Ложата „Вистина – La Verite“ постои за да го негува човековото достоинство, разумот и слободата на совеста; да ги спојува луѓето наместо да ги дели; да ги брани лаицитетот и републиканските вредности; да поттикнува солидарност и граѓанска одговорност. Во таа смисла, печатот не е украc – тој е постојан потсетник на она што секој Брат треба да биде кога ќе излезе од храмот и ќе се врати во светот: слободен човек, еднаков меѓу еднакви, Брат меѓу Браќа и сестри.