Историја
Полетавме низ воздухот како птици, пловиме по морето како риби, но се уште треба да го научиме едноставниот чин на чекорење по земјата како браќа. Мораме да научиме да живееме како браќа или ќе исчезнеме како будали – (Martin Luther King Jr).
Идејата за братството, еднаквоста и слободата е стара колку и човечкиот род. Не постои култура, земја, народ, кои не тежнееле и не тежнеат кон оваа идеја – идеја која е основа и темел на нашето братство и нашата филозофија. Токму вековно тежнеење и негување на овие идеи и принципи и пред се живеењето по истите, се една од причините за опстанокот на масонеријата, но и за нејзина мистификација.
Масони, масонерија, слободно ѕидарство, децата на вдовицата, франкмасонство, многу поими за една од најголемите мистерии и мистификации за човештвото, за кое е пролеано толку мастило колку што вода има на планетава, а напишани се толку многу книги за да се наполни библиотеката во Александрија. Масонеријата е една од неколкуте вечни теми кои постојано ја рабудуваат фантазијата на луѓето и е рамо до рамо со темите во кои се расправа за Атлантида, вонземјаните или пирамидите на Маите, Ацтеките или Египќаните. Масоните и ден денес ја скокоткаат човековата фантазија и низ најразлични дебати, често злобни и лаички се расправа за тоа што е масонеријата и кои се целите на масоните.
Во нашата, како и во сите останати историографии, братството било сметано за основна клетка на словенскиот начин на организирање на племенскиот живот на големите планински пространства во нашите предели, чија основна улога е спротивставување на згуснатиот градски начин на живот на грчко-римската цивилизација. Братствата биле носители на внатрешниот живот на племето, а се до воведување на кнежевската власт, тие кон другите племиња и соседи делувале како политичка единка. Братството во тоа време подразбира исклучиво крвно сродство и поврзаност, кое се брои по колена или пасови (појаси). Секое братство го знаело својот предок со историска точност, го знаело својот почеток и патронимичко име. Прв знак на братското единство е славење на ист светец.
Знаејќи ги овие историски факти, имајќи ги во предвид вековните традиции и врежаноста на идејата за братството, не изненадува идејата и желбата за заживување на масонството и на овие простори. Поради комплексните и не толку поволни услови за Македонија во минатото, поради комплексните политички и националистички тежнеења, идејата за создавање и формирање на самостојна и суверена масонска ложа во Македонија е остварена релативно доцна, така што македонците кои биле иницирани работеле под јурисдикција на неколку масонски ложи во други држави кои биле активни на Балканските простори во тоа време.
Со референдумот во 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за осамостојување и прогласување на независна суверена демократска држава – Република Македонија, за првпат се создадоа услови за формирање на масонски Ложи. На почетокот на 21-от век, поточно на 07.04.6002 година, 9 мајстори од Македонија ја формираа првата масонска ложа на Македонија во рамки на GOdF под името „Вистина – La Verite“.
Идејата да се формира масонска Ложа во Македонија почнува со еден наш Брат, кој поттикнат од масонските цели и идеали на Братството за градење на општеството преку толеранција и разбирање, се иницираше и ја доби светлината во 5999 година во рамки на Големиот Ориент на Франција. Неполна година подоцна на 01.04.6000 година се формираше “златниот триаголник” со иницирање на уште два Брата. Идејата за слободно ѕидарство овие три Брата ја проширија на угледни и истакнати членови во општеството од разни области и сфери на општествениот живот. Уследија повеќе состаноци и во 6001 година беше договорено и организирано да се оди во Париз заради формирање на ложата во рамки на GOdF, но поради вооружениот судир кој се случи таа 6001 година во Македонија, посетата на Париз и идејата за основање на Ложа беше одложена за следната година.
На 06.04.6002 година 9 Брата од Македонија, во Ложата „Алитеа“ во Париз од Големиот Ориент на Франција, беа подигнати на степен „Мајстор“ и со тоа се создадоа услови за формирање на почитуваната ложа „Вистина – La Verite“. Чинот на формирање на Ложата беше направен во GOdF, каде присуствуваа членови од ложата „Алитеа“ и повеќе Браќа од раководството на GOdF.
Во април 6003 година е донесена и Светлината во Ложата од страна на делегација на GOdF. Работата на Ложата беше организирана во самостојно уредени простории за таа намена каде Браќата се среќаваа два пати месечно и работеа на масонски теми и проширување на Братството и идеите на Братството. Во следните години повеќе Браќа се приклучија во работата на Ложата која може да се пофали дека до денес повеќе од 90 Браќа од Скопје и другите градови во Македонија се приклучија на Ложата „Вистина – La Verite“.
Oдржани се повеќе од 300 средби и направени се повеќе од 200 даски на масонски теми, теми зададени од GODF и теми од секојдневниот живот. Во 6010 година ложата опреми нов Храм во кој продолжи работата на Почитуваната Ложа „Вистина – La Verite“. Во 6018 година се создадоа услови за формирање на уште една ложа во Прилеп под името „Свелина – La Lumiere“, каде членуваат Браќата од Прилеп и од околните градови. На средбата одржана на 21.10.6019 година, Браќата донесоа уште една одлука за формирање на уште една ложа во Скопје со мешан состав, при што 11 браќа од нашата ложа ја формираа новата Ложа под името „Љубов – L`Amour“.
Почитуваната ложа „Вистина – La Verite“ оствари и организираше повеќе активности меѓу кои вреди да се истакнат:
- Бела средба во Скопје во 6009 година на која учествуваа над 50 Браќа од Ложите од регионот и од Париз која беше посветена на улогата на GOdF во развојот на масонството на Балканот;
- Прослава организирана по повод 10 години од добивањето на Светлината на Почитуваната Ложа „Вистина – La Verite“ во Крушево во 6013 година со над 100 Браќа од регионот и од Париз;
- Прослава по повод 15 години од добивањето на Светлината на Почитуваната Ложа „Вистина – La Verite“ организирана 6018 година во Охрид на која присуствуваа над 150 Браќа од регионот и од Париз.
Почитуваната Ложа „Вистина – La Verite“ активно соработува со Браќата од регионот XIV и тоа преку заеднички средби и други манифестации по разни поводи. Остварени се и неколку збратимувања и тоа со Почитуваната Ложа „Побратим“ од Белград и Почитуваната Ложа „Светлина“ од Свиштоф во 6015 година, додека во 6017 година со Почитуваната Ложа „Панонија“ од Нови Сад и во 6019 година со Почитуваната Ложа „Хармонија“ од Белград.
Франкмасонството како филантропска, филозофска и прогресивна организација која има за цел барање на вистината, изучување на моралот и практикување на солидарноста, а која работи за материјално и морално подобрување и интелектуално и социјално усовршување на човештвото, не е издвоена од општеството и секојдневниот живот, како и секојдневните случувања.
Слободната мисла е услов и темел на нашето постоење и најважна алка во венецот на различностите и еднаквостите. Не беше лесно во периодот на усовршување да го пренесеме тој принцип и однесување кон сите наши браќа. Опортунизмот и безпредметна прилагодливост кон работите кои немаат ништо заедничко со нас Масоните е најлошото наследство на претходните периоди и генерации. Вежбата за слобода и слободна мисла е незапирлив процес кој и во најголемите демократски општества наидувал на отпор. Слободата и слободната мисла не се категорија која еднаш засекогаш е дадена и прифатена. Таа се применува, негува и усовршува и никогаш да не се заорава дека постојат сили кои во различни периоди и услови се спремни во еден миг да го сопрат овој процес.
Ние како Масони не можеме и не смееме да живееме само во минатото и да се задоволиме со своите постигнувања, туку мора активно да делуваме и во денешницата, не затварајќи ги очите пред стварноста и вистината. Токму овие цели, принципи и идеи се предизвик на Браќата од Ложите во Македонија и токму затоа денес на овој значаен собир на наши Браќа ќе изложиме едно заедничко видување кое е битно прашање за нас и нашето општество, за нашата сегашност, но и иднината која е преед нас.



