Големиот Ориент на Франција, водечкиот масонски ред во Франција, е директен наследник на Просветителството. Тој работи за материјалното и моралното усовршување, како и за интелектуалниот и општествениот напредок на човештвото. Неговото мото е: Слобода, Еднаквост, Братство.

Три века масонска историја и традиција

Современото слободно ѕидарство е производ на Просветителството. Тоа произлезе од преобразбата, започната во 1645 година, на една стара занаетчиска дружина во здружение за состаноци и размислување. Првата Голема Ложа беше формирана во Лондон, тогашната „престолнина“ на филозофските идеи, во 1717 година. Големиот Ориент на Франција е најстарата и најголемата масонска послушност во континентална Европа. Основан во 1728 година како Прва Голема Ложа на Франција, тој ја доби својата сегашна форма и име во 1773 година. Денес, Големиот Ориент брои повеќе од 50.000 членови, организирани во над 1.400 ложи.

Тој нуди хуманистички, иницијациски и братски пат. Имено, за Големиот Ориент на Франција, личното усовршување што го овозможува масонската иницијација и нејзиниот метод создава должност слободните ѕидари да размислуваат и за проблемите на светот и за општествените прашања. Ова е една од одликите што го разликуваат од другите масонски послушности. Кoja е вредноста на личното усовршување – интелектуално, морално или духовно – ако не го поттикнува човекот да се заинтересира за другите и за нивната судбина?


Големиот Ориент на Франција: хуманистичка, иницијациска и братска определба

Тежнеењето кон напредок отсекогаш било двигател на мислите и делувањето на слободните ѕидари од Големиот Ориент на Франција, до таа мера што овој принцип претставува составен дел од Традицијата на Редот. Слободните ѕидари се наследници на мажи и жени кои, секој на свој начин, работеле за подобрување на човештвото: Voltaire, Lafayette, Garibaldi, Auguste Blanqui, Victor Schoelcher, Emir Abd el-Kader, Louise Michel, Bakunin, Jean Zay, Félix Eboué, Pierre Brossolette и толку многу други кои со своето присуство ги збогатиле ложите на Големиот Ориент на Франција.

Вредностите на Големиот Ориент на Франција

Големиот Ориент на Франција се има здобиено со Устав, чиј Член 1 ги потсетува вредностите на слободното ѕидарство:

„Слободното ѕидарство, по својата суштина филантропска, филозофска и прогресивна институција, има за цел трагање по вистината, проучување на моралот и практикување на солидарноста; таа работи на материјалното и моралното подобрување, на интелектуалното и општественото усовршување на човештвото. Нејзин принцип е меѓусебната толеранција, почитувањето на другите и на себеси, апсолутната слобода на совеста. Сметајќи ги метафизичките поимања како област што припаѓа исклучиво на индивидуалното убедување на нејзините членови, таа одбива какво било догматско тврдење. Таа му придава суштинско значење на лаицитетот. Нејзино мото е: Слобода, Еднаквост, Братство.“

Слобода, Еднаквост, Братство и Граѓанственост

Големиот Ориент на Франција, буден бранител на републиканскиот идеал, останува верен на начелата содржани во неговото мото, кое е и мото на Републиката: „Слобода, Еднаквост, Братство“. Тој ја застапува етиката, граѓанскиот дух, одговорноста, солидарноста, почитувањето на другиот, меѓусебната толеранција и слободата на совеста, кои се клучни за остварување на заедница од рамноправни граѓани.

Од триптихот „Слобода, Еднаквост, Братство“ произлегуваат многубројни заложби за слободните ѕидари на Големиот Ориент на Франција.

Демократија

Франција функционира според политичкиот систем на претставничка демократија, во согласност со основачките принципи на Републиката. Големиот Ориент на Франција, историски поврзан со овие начела, смета дека тие не смеат да бидат изопачени или оддалечени од својата смисла од никого – било да станува збор за поединец или група. Големиот Ориент на Франција врз себе применува демократско управување.

Лаицитет – Секуларизам

Големиот Ориент на Франција му придава суштинско значење на лаицитетот – секуларизмот, како што тој особено е воспоставен со законот од 1905 година, и ја осудува секоја религиозна вмешаност во управувањето со државните работи, било од страна на верските власти, било од страна на избраниците на Републиката.

Лаицитетот – Секуларизмот им овозможува на сите да располагаат со заеднички јавен простор, во кој секој поединец може слободно да живее согласно сопствените филозофски или духовни убедувања, под услов да не се нарушува јавниот ред. Лаицитетот – Секуларизмот е уставно начело и еманципаторски идеал заснован врз:

  • апсолутна слобода на совеста;
  • одвојување на Црквите и Државата;
  • еднаквост на сите духовни опции;
  • универзалност на заедничкиот закон: еднаквост на сите пред законот;
  • стремеж кон еманципација на поединецот и обликување на граѓанинот преку лаичкото училиште, бесплатно за сите;

Солидарност

Поимот солидарност често се поврзува со начелото на Братството, толку скапо за масонството. Секој слободен ѕидар има должност на солидарност кон другите членови на обедиенцијата, но и кон човештвото во целина.

Социјална солидарност

Соочен со предизвиците што ги поставуваат нееднаквостите, Големиот Ориент на Франција работи на изградба на нови облици солидарност. Големиот Ориент на Франција, на пример, се залага помошта за автономија – дефинирана под називот „петти ризик“ – да биде обезбедена во систем на солидарност утврден од државата, со исклучување на прибегнувањето кон приватно осигурување.

Тој го проучува, исто така, значењето и можноста за воведување на универзален, безусловен основен приход.

Животна средина

Животната средина претставува општо добро на човештвото. Нејзината деградација е очигледна. Се наоѓаме во средиште на спојот меѓу општото нарушување на она што ги создава или руши рамнотежните услови за живот на Земјата – климата – и сложената организација на живиот свет, биолошката разновидност на видовите. Денес мора да одговориме достоинствено пред фактот дека човештвото е соочено со еден „нов“ предизвик: да ја обезбеди иднината на целиот жив свет и, особено, опстанокот на човештвото. Потребно е да се замислат други начини на живеење, кои ќе овозможат вистинско почитување на природата.

Човечко достоинство

Големиот Ориент на Франција смета дека човековите права дефинирани со Универзалната декларација за човекови права од декември 1948 година го претставуваат сегашноста и иднината на човештвото.

Како последица на тоа, обедиенцијата им забранува на своите членови да припаѓаат на политички партии или групи што повикуваат на дискриминација, расна омраза, или на каква и да е група што работи на уништување или обезличување на човечкото суштество.

Големиот Ориент на Франција потсетува дека републиканската држава има уставна должност да му овозможи на секој граѓанин да се прехрани, да се смести и да се лекува. „Првиот општествен закон, значи, е оној што му ги гарантира на секого средствата за опстанок.“